Фон дер Лајен: следните шест месеци клучни за односите ЕУ-Балкан

Архивска фотографија- Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска изјави дека следните шест месеци ќе бидат клучни за односите меѓу ЕУ и Западен Балкан и најави дека ЕК за неколку недели ќе излезе со новата методологија за проширување.

Во текот на претставувањето на хрватското претседателство со Унијата во Европскиот парламент во Стразбур, Фон дер Лајен ја повика ЕУ да го одржи моментумот кога станува збор за Западен Балкан.

„Доколку сакаме успешен самит ЕУ- Западен Балкан во Загреб тогаш мораме сега да ја направиме нашата домашна задача. Затоа за неколку недели ќе ја претставиме нашата нова методологија за проширување за да разговараме за неопходната модернизација, а првенствено на нашите пријатели од Западен Балкан – Северна Македонија и Албанија, да им дадеме перспектива за почеток на пристапните преговори“ , порача Фон дер Лајен.

Хрватска го презеде ротирачкото претседателство со ЕУ на први јануари 2020 година. Еден од приоритетите на Загреб е проширувањето на унијата кон земјите од Западен Балкан, а со тоа и давање на јасна перспектива за преговорите за зачленување на Северна Македонија и Албанија.