Поради, како што вели, несовесно и нестручно работење, дополнителната заменик министерка во МВР, Славјанка Петровска, ќе поднесе кривични пријави до надлежното обвинителство против техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев. Кривичните пријави, како што вели Петровска, ќе ги поднесе бидејќи Чулев со неговото работење го нарушил работењето на полицијата и ја загрозил безбедноста на граѓаните.
„Техничкиот министер Чулев вчера (10.01.2020) потпишал телеграма која е доставена до сите организациски единици во МВР, со која ги известува раководителите на организациските единици дека наредбите донесени согласно член 154 од Законот за внатрешни работи, со кои на работниците им се наредува да извршуваат задачи во други организациони единици престануваат да важат. Веднаш по доставувањето на телеграмата се обратив писмено до техничкиот министер Чулев и му посочив дека телеграмата е донесена без мое запознавање и согласност и му укажав на сериозноста на оваа негова одлука и последиците со кои ќе се соочи МВР во делот на извршувањето на својата основна функција“, се наведува во соопштението од Петровска.