ССНМ: Да се истражат заканите кон новинарката Мери Јордановска

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) ги повикува полицијата и Обвинителството да ги испитаат наводите на новинарката и заменик-уредничка на „А1он“, Мери Јордановска, дека преку интернет ѝ се заканувал државен службеник вработен во Централниот регистар.

„Ако се потврдат наводите на Јордановска бараме промптно и соодветно да се санкционира службеникот и го повикуваме менаџментот на Централниот регистар да поведе дисциплинска мерка против својот вработен. Само на овој начин ќе се обесхрабрат сите оние коишто во иднина би помислиле повторно да се закануваат на новинари. Фактот дека Јордановска не е нападната само како новинар, туку и како жена, што може да се забележи од заканите што новинарката ги објави на Фејсбук, покажува дека во оваа држава треба да се вложат уште многу напори за еманципација“, велат од Синдикатот.

Според Јордановска и нејзините јавни објави на Фејсбук, ѝ се заканувал Емил Јакимовски со зборовите: „пропагандистичка ороспија“, „да те искреираат на некролог“, „кај ќе ме пријавите? МВР е ВМРО“.

Фотографија објавена од новинарката Мери Јордановска со пораките што ги добила како закана