Обвинителство: Дрисла не го загадува воздухот

Архивска фотографија- Депонијата Дрисла во близина на Скопје.

Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје кој постапувал по допрен глас за незаконско согорување медицински отпад на депонијата „ДРИСЛА-СКОПЈЕ“ ДОО Батинци заклучил дека не постојат докази кои упатуваат на сомнение дека е сторено кривично дело кое се гони по службена должност и донел одлука дека нема место за јавнообвинителско постапување во предметот, соопшти денеска ОЈО Скопје.

„Врз основа на прибраните обемни податоци и релевантни докази, а особено од извршените тестирања и анализи, не произлезе дека од депонијата „ДРИСЛА-СКОПЈЕ“ ДОО Батинци, спротивно на прописите за заштита на животната средина, биле испуштани отровни или издувни гасови во поголемо количество со кои би се предизвикало значително оштетување на квалитетот на воздухот и опасност за животот и здравјето на луѓето, како и уништување на животинскиот и растителниот свет“, се посочува во соопштението.

На социјалните мрежи постојано се шират информации дека во земјата се увезува опасен отпад кој се согорува во депонијата со што дополнително се загадува воздухот во Скопје.