Функционерски расправии во Министерство за финансии

Архивска фотографија- зградата на Министерство за финансии

Министерката за финансии Нина Ангеловска денеска рече дека обидот електронска пошта испратена од кабинет, која, како што вели, содржела процедура за работа, да се претстави како завера, не било ништо повеќе од обид за политичко поентирање.

Оваа реакција на Ангеловска следува откако дополнителната заменик-министерка за финансии Гордана Димитриеска Кочоска денеска на прес-конференција во Министерството за финансии изрази разочарување од, како што рече, опструкциите на нејзината работа во Министерството.

„Вчера бевме сведоци на еден немил настан каде од Кабинетот на министерката беше испратен допис до сите вработени, во кој се укажува дека на секое мое барање што ќе биде упатено до кој било раководител на сектор или државен советник нема да ми одговараат директно, односно одговорите прво ќе се праќаат до кабинетот на министерката, а подоцна до мене“, рече таа.

Димитриеска Кочоска тврди дека целта на таквиот однос било „криење и извртување на податоците“. Ангеловска, пак, вели дека не требало да си дополнителен заменик министер за да ја видиш секоја трансакција каде оди, оти како што рече, тоа сега можело да го гледа секој на платформата „Отворени финансии“.