Светската новинска организација „Репортери без граници“ ги осудуваат таканаречените „произволни“ апсења на четворица новинари во Иран минатиот месец, со кои бројот на приведените известувачи од антивладините протести изнесува 12. Во писменото соопштение е наведено дека условите како и начинот на кој се постапувало во притворот со две новинарки е „нечовечки и понижувачки“.
Приведувањето и малтретирањето на новинарите е само пример од многуте мерки преземени од иранските власти за заплашување и вознемирување на медиумските работници откако кон средина на ноември избувна бран на антивладини демонстрации.
Според информациите на „Репортери без граници “ кауцијата за последните приведени изнесува по 30 илјади долари. Оттаму соопштија дека во меѓувреме дел од приведените новинари и активисти за човекови права се претепани од затворските чувари.
Затворската администрација ги негира таквите наводи иако медицинската документација што ја поседува „Репортери без граници“ укажува на физичка траума и модринки.