Погребот на иранскиот генерал Касем Солејмани кој беше убиен во американски воздушен напад, е одложен откако повеќе од 30 луѓе загинаа во стампедо за време на погребната поворка во неговиот роден град Керман.
Иранската државна телевизија повикувајќи се на итната медицинска помош јавува дека 32 лица загинале, а повредени се 190 во стампедото во Керман. Подоцна властите го одложија погребот на Солејмани без да прецизираат кога точно ќе се одржи. Засега не се јасни ниту причините за стампедото, а според она што гледа на видеата луѓе лежат мртви на улицата, а други викаат и се обидуваат да им помогнат на повредените.
Солејмани беше убиен минатата недела во американски воздушен напад во близина на меѓународниот аеродром во Багдад, Ирак.Погребната церемонија почна пред три дена во Техеран каде што исто така се собраа илјадници луѓе, а продолжи денеска во градот во кој живееше Солејмани.