Гутереш ги повика лидерите да ги намалат тензиите

Архивска фотографија- Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш

Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш се придружи на политичките лидери ширум светот кои повикаа на намалување на брзо растечките тензии меѓу Вашингтон и Техеран откако САД во воздушен напад го убија иранскиот воен генерал Касем Солејмани. Новата година почна со метеж во нашиот свет рече Гутереш денеска во седиштето на ОН во Њујорк.

„Живееме во опасни времиња. Геополитичките тензии се на највисоко ниво во овој век. И овие турбуленции ескалираат“, додаде Гутереш барајќи од светските лидери да запрат ескалациите и да се возобноват дијалогот и меѓународната соработка.

Претходно голем број луѓе излегоа на улиците на Техеран и на Керман во Иран за да присуствуваат на погребната церемонија на Солејмани кој загина во американскиот напад во близина на меѓународниот аеродром во главниот ирачки град Багдад.

Иранските власти најавија одмазда за убиството, а американскиот претседател Доналд Трамп се закани со напад на ирански цели меѓу кои и културни знаменитости, ако Техеран ги нападне американските интереси.