Ременски: политичките елиминации се уште функционираат

Архивска фотографија- Потпретседателката на Собранието и пратеничка од СДСМ Фросина Ременски

Потпретседателката на Собранието и пратеничка од СДСМ Фросина Ременски, која од денеска е обвинета во случајот со Меѓународниот сојуз, одговарајќи на новинарско прашање дали очекува да го заврши мандатот до крај рече дека не верува оти ќе дојде до одземање на мандатот, но додаде и декане гледа оти имало основа и за ова што се случува денеска.

„Меѓутоа факт е дека порачките за политички елиминации на најгруб можен начин се уште функционираат и јас сум длабоко убедена дека изборот на денешниот ден не е случаен, имајќи предвид дека политичките мисии на одредени лица се пресилни за да земат предвид какви било мои професионални ангажмани во минатото“, рече Ременски која не прецизираше на кои одредени лица мисли.

Таа рече дека очекува соработка со новиот министер за внатрешни работи, кој како што нагласи, можеби ќе имал слух и чувство за одредени прашања кои не биле отворени во текот на минатиот период. Новиот министер во техничката влада која треба да се избере до полноќ е Наќе Чулев, кој на позицијата доаѓа по предлог на ВМРО-ДПМНЕ.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска до Основниот кривичен суд – Скопје достави Обвинителен акт против пет физички лица и едно правно лице за случајот со Меѓународниот сојуз. Обвинети во овој случај, познат во јавноста како „Рекет 2“ се првоосомничениот во „Рекет“ Бојан Јовановски, неговиот татко Миле Јовановски, Ременски, асистентката во Меѓународниот сојуз Христина Блажевска и потпретседателката на сојузот Јасна Мандиќ. Ременски вели дека одлуката за обвинение е избрзана и апсурдна и дека нема докази против неа.