Убиството на Солејмани, вовед во конфликт меѓу САД и Иран?

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Во американски напад убиен ирански генерал

Влијателниот ирански командант на силите на Револуционерната гарда генерал Касем Солејмани бил убиен во американски напад во меѓународниот аеродром во Багдад, потврдија и Иран и Соединетите држави. Ова, според оценките, претставува драматична ескалација на тензиите меѓу двете земји.

Пентагон соопшти дека американскиот претседател Доналд Трамп го наредил „убиството“ на Солејмани, откако про-иранска толпа во изминатиот викенд ја нападна американската амбасада во Багдад.

По смртта на Солејмани, Трамп твитна слика со американско знаме, без никакво дополнително објаснување.

Изутрината на меѓународниот аеродром во Багдад неколку проектили погодија конвој на Хашид ал Шааби.

Тоа е ирачка паравоена формација на претежно шиитски вооружени единици кои имаат блиски врски со Техеран.

Тие официјално се вклучени во ирачките државни безбедносни сили откако помогнаа да со порази екстремистичката Исламска држава.

Во нападот бил убиен и заменик шефот на оваа формација Абу Махди ал Мухандис.

Само неколку часа по нападот, иранската државна телевизија пренесе соопштение на Револуционерната гарда во кое се вели дека Солејмани „маченички загинал во американски напад врз аеродромот во Багдад“.

Пентагон соопшти дека Солејмани „активно развивал планови за напади врз американски дипломати и членови на службата во Ирак и во целиот регион“.

Во соопштението се додава дека Солејмани ги организирал нападите врз американската амбасада во Багдад во изминатиот викенд и врз американските бази при што загина еден американски државјанин.

Се смета дека убиството на Солејмани ќе донесе поголема ескалацијата на настаните во регионот од претходните американски операции во кои загинаа шефот на Ал Каеда, Осама бин Ладен и лидерот на екстремистичката Исламска држава Абу Бакр ал Багдади.

Односите меѓу САД и Иран се влошија откако Вашингтон се повлече од нуклеарниот договор со Техеран во 2018 година по што ги зголеми санкциите врз Иран со цел да го спречи извозот на нафта.