Димче Арсовски од опозициската ВМРО ДПМНЕ денеска на пресс конференција обвини дека се кријат докази за случајот Рекет и тоа изнесени од Катица Јанева во првото нејзино сведочење во обвинителството, додека се уште била на слобода.
"Вчера целата јавност можеше да прочита како писмото кое го испратила Катица Јанева од притвор до обвинителот Љубомир Јаневски содржи сведочење од Јанева дека Вилма Русковска можно е да ја сокрила нејзината изјава и не ја пријавила кај Љубомир Јаневски." рече Арсовски.
Од ВМРО ДПМНЕ посочија и дека владиниот кабинет во сенка бил стациониран во станот на Боки 13 и oд таму се координирала операцијата Рекет.
Според партијата, во станот на Боки 13 редовно имала сеанси половина влада на чело со Зоран Заев. Во станот биле редовни Шекеринска, Филипче, Кирацовски и други високи владини и партиски функционери.
Осврнувајќи се на последните обвинувања, денеска премиерот Заев рече дека нема навика да им кажува на соработниците со кого да се дружат.
Заев повтори дека се што знаел пријавил за случајот „Рекет“, додека опозиција ги охрабрува сите што знаат нешто да пријават, бидејќи ако некој се обиде да ја скрие вистината автоматски станува соучесник во целиот случај.