Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ќе биде премиер на техничката влада за спроведување избори, додека министерката за труд и социјална политика Мила Царовска ќе биде вицепремиерка за еконмски прашања на местото на Кочо Анѓушев кој најави оставка по изборот на техничката влада во Собранието на 3 јануари, одлучија вечерва членовите на Извршниот и Централниот одбор на СДСМ.
Изборот за технички премиер официјално го соопшти претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев по седницата на Централниот одбор, откако заврши седница на Извршниот одбор на партијата. Заев изјави дека одлуките за четирите кадровски решенија биле едногласни на седниците на двата партиски одбора.
Одлучено е исто така Санела Шкријељ - актуелна шефица на кабинетот на министерката Царовска, да биде заменик-министерка за труд и социјална политика на предлог на СДСМ, а Славјанка Петровска – шефица во кабинетот на Оливер Спасовски да биде заменик министерка за внатрешни работи.
Лидерите на најголемите парламентарни партии на 20 октомври оваа година на средба кај претседателот Стево Пендаровски се договорија предвремени парламентарни избори да бидат одржани на 12 април 2020 година.
Според Пржинскиот модел, на 100 дена пред изборите актуелниот премиер треба да даде оставка и Собранието да избере нова техничка Влада за спроведуваење избори предводена од нов премиер предложен од најголемата партија од владејачкото мнозинство, а предвидено е да бидат избрани нови министри за внатрешни работи и труд и социјална политика по предлог на опозицијата.
Пржинскиот модел исто така предвидува опозицијата да предложи и заменици министри за финасии, земјоделство и информатичко општество, а власта заменици министри за труд и социјална политика и внатрешни работи.
Од ВМРО-ДПМНЕ се уште нема информации кои ќе бидат нивните кандидати за министри за внатрешни работи и труд и социјална политика, но Извршниот и Централниот комитет на партијата му дадоа мандат на претседателот на партијата Христијан Мицкоски да ги предложи членовите на техничката влада.