Премиерот Зоран Заев од собраниската говорница одговарајќи на новинарски прашања рече дека до крајот на годината ќе биде објавен тендер за изградба на електраната „Чебрен“, дека патот Скопје – Блаце ќе го гради „Гранит“, а активностите околу изградбата на новиот клинички центар одат според планираната динамика. Заев рече дека очекува после 28 години зборување, да почне реализацијата на Чебрен. Тој одговараше на прашања на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски. Милошоски на собраниската говорница излезе со диктафон од кој пушти снимка на која се слуша како премиерот Заев најавува проекти и добивање датум за почеток на преговори. Пратеникот вели дека не поставил прашање за да добие одговор, туку да видат луѓето како Заев лаже. Заев пак рече дека дава отчет, и дека завршило времето на „пуштање“ снимки.
Премиерот има уште една недела од својот мандат, оти според договорот за избори на 12 април, тој треба да си даде оставка на 3 јануари, и да се формира техничка влада. Премиерот рече и дека е убеден оти ќе доби нов мандат за премиер, зашто што политиките што ги водат се насочени кон државата.
Заев собраниската говорница ја искористи и за да зборува за резултатите во економијата. Зборуваше за долгови, зголемување на социјални трансфери, пензии, минимална плата... Премиерот вели дека економијата блеска, а уште не сме членка на НАТО, ниту почнаа преговорите за членство во ЕУ.
„Резултатите се за поклонување“, рече тој.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски му рече на Заев дека СДСМ сè повеќе потсетува на поранешното ВМРО-ДПМНЕ. Заев пак вели дека не се исти ниту со сегашното, ниту со поранешното ВМРО-ДПМНЕ.