Најдобро е пропустот за бегството на поранешниот премиер Никола Груевски да го утврди Обвинителството и да покрене постапка, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Тој денеска на почетокот на градба на нов објект во кругот на МВР, рече дека не се чувствува повикан од ставот во обраќањето на претседателот Стево Пендаровски дека е разочаран што една година по бегството на Груевски, се уште нема извештај од институциите за тоа како избега Груевски.
Спасовски рече дека извештајот од внатрешната контрола во МВР за бегството на Груевски е предаден веднаш во Јавното обвинителство и оти на јавноста ќе и бидат соопштени информации кога ќе биде затворена истрагата.
Прашан дали очекува да биде идниот технички премиер, тој повтори дека е подготвен сум да се бори за уште еден мандат на Владата, без оглед на тоа, како што вели, дали ќе биде на одредена позиција или само потпретседател на СДСМ.