„Рекет“ - Сведокот Митровски тврди дека министерот Димитров бил информиран за барањето поткуп

Архивска фотографија - Бојан Јовановски - Боки 13 на судење за случајот Рекет

На денешното рочиште за случајот „Рекет“ бизнисменот Зоранчо Митровски сведочеше дека преку неговиот адвокат и кумашин првообвинетиот Бојан Јовановски - Боки 13, му побарал 2 милиони евра за да се спаси од истраги на СЈО. Тој беше еден од осомничените во истрагата за „Поштенска банка“, а Јовановски рекол дека има и други случаи против него. Тоа се случувало во ноември 2018, но Митровски кој е и почесен конзул на Летонија рече дека веднаш не го пријавил случајот, оти во тој момент СЈО било многу моќно, а тој не се осмелувал случајот да го пријави кај некој обвинител или во МВР. Сепак случајот го пријавил на нерезидентниот амбасадор на Летонија, а тој му пренел на министерот за надворешни работи Никола Димитров, по што Митровски добил порака дека нема да има веќе проблем со Јанева.

Случајот Рекет се однесува на барање поткуп за олеснителни околности во случаи на СЈО. Првообвинет е Бојан Јовановски, а второобвинета е поранешната шефица на СЈО, Катица Јанева.

Митровски сведочеше дека прво мислел дека Боки 13 го злоупотребува името на Јанева, а сега мисли дека Јанева го злоупотребувала Боки.

Претходно неговиот адвокат Сашко Бошков сведочеше дека Боки 13 преку него побарал пари од Митровски за да запрат случаите кои ги водело тогашното Специјално јавно обвинителство. Тој двапати се сретнал со Јовановски, а на средбите присуствувал и кошаркарот Владо Илиевски.

Јовановски му рекол да даде два милиони евра за да се решат предметите што се водат против Митровски.

Третиот сведок на денешното рочиште Томе Главчев, сопственик на компанијата „Ноел“ рече дека со Јовановски контактирале, но за рекламирање во 1ТВ, чиј сопственик беше таткото на Боки 13. Главчев рече дека откако неговото име било објавено во медиумите, како осомничен за случајот „Поштенска банка“, цената за рекламирањето се зголемила. Од договорените 40.000 – 50.000 евра на околу 100.000 евра.