Пратеничката група на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во Собранието поднесе информација за енормно загадување на амбиенталниот воздух во земјата и побара од претседателот на Парламентот Талат Џафери да ја стави на дневен ред на утрешната седница, соопшти пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев.
„Поради алармантноста на ситуацијата во однос на загадувањето на воздухот истата да биде разгледана и по неа дискутирано во текот на утрешната седница. Оваа точка бараме да се стави како прва точка на дневен ред на утрешната пленарна седница“, вели Данев.
Високо загадениот воздух е прашање кое властите во земјава не успеваат да го решат со години наназад, поради што Скопје е најзагаден главен град во Европа. Покрај познатите извори на загадувачи наведени во бројни студии, деновиве граѓани на социјалните мрежи обвинуваат дека во земјава се согорува различен отпад на отворено, вклучително и увезен отпад од странтво кој се согорува во индустријата.
Заменик – министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули на денешна прес-конференција изјави дека борбата за здрава животна средина и чист воздух е процес кој бара системски мерки на институционално ниво и промена на навиките кај секој поединец.
Според него, оваа година имало значително намалување на бројот на денови со надминати среднодневни концентрации на ПМ10 честички, како „резултат на заедничка акција на сите“, вклучително зголемената свест кај граѓаните.
„Сведоци сме на редовни 24 часовни построги инспекции од страна на надлежните институции. За прв пат се фаќаат сторителите кои палат кабли или стрништа, кон нив се поднесуваат соодветни пријави“, вели Макрадули.
Данев наведува дека верува оти поради алармантната ситуација оваа точка ќе биде ставена како прва на утрешната пленарна седница во Собранието, но посочува и дека Џафери е обврзан тоа да го стори според собранискиот Деловник.