Трет состанок за иницијативата „Мал Шенген“

Премиерот на Северна Македонија Зоран Заев на Состанокот за унапредување на соработката на земјите од Западен Балкан.

Македонскиот премиер Зоран Заев денеска пристигна во албанскиот главен град Тирана каде ќе учествува на состанокот за унапредување на соработката на земјите од Западен Балкан, заедно со премиерот на Албанија Еди Рама и претседателот на Србија Александар Вучиќ, соопшти владината прес-служба.

Ова ќе биде трета сесија од серијата состаноци на тројцата лидери, откако претходно вакви средби одржаа во Нови Сад и Охрид. Таканаречената иницијатива за воспоставување на „Мал-Шенген“ содржи идеи за намалување на трговските бариери меѓу земјите од Западен Балкан, слободен проток на луѓе, ослободување на пречките за инвестиции и т.н.

Денеска во Тирана ќе биде одржана работна сесија на лидерите на земјите од Западен Балкан, а потоа ќе следува пленарна сесија на која ќе учествуваат и претставниците на политичките и финансиските институции на ЕУ, како и претставници на Светската банка, Советот за регионална соработка и претставници на Стејт департментот на САД.

Дел од програмата е лидерите да го посетат и градот Драч, како поддршка на граѓаните кои беа погодени од трагичните последици на земјотресот, се вели во владиното соопштение.