Раководството на СДСМ во текот на денот ќе има средба на која ќе се разговараат за тоа кој ќе биде премиер во техничката Влада, за која треба да се гласа на 3 јануари, соопшти координаторот на пратеничката група на партијата Јован Митровски.
Следната недела премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев се очекува да одржи средба со коалициските партнери на која ќе се разговара за предлогот за технички премиер пред претстојните избори во април следната година.
Првиот технички премиер, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Емил Димитриев денеска изјави дека не сака да се меша во персонални решенија и не сака да шпекулира, но, вели дека посакува таа техничка Влада да си ја одработи својата работа, а тоа е првенствено организирање и спроведување на предвремените избори.
Според Законот за влада, сто дена пред одржувањето на избори за пратеници Собранието избира нова, преодна Влада за спроведување на избори, предводена од нов премиер кој го предлага најголемата политичка партија што го формира владиното мнозинство. Изборите се закажани за 12 април, следната година.