Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, по неговата прва средба со новиот еврокомесар за проширување Оливер Вархеји, изјави дека е охрабрен и оти е остварлива целта за почеток на преговорите за членство со ЕУ на пролет, но дека за тоа е потребно да се донесе законот за јавно обвинителство. Османи ги повика сите чинители во земјава да вложат напор за изнаоѓање консензус околу гласањето на овој закон.
„Тоа е двотретински закон, затоа ја користам оваа можност да ги повикам сите да најдеме начин да постигнеме консензус за ова прашање. Разговорите ќе почнат овие денови со сите чинители во општеството, рокот ни е до 11 февруари кога се распушта Собранието“, изјави вицепремиерот Османи за МИА.
Османи вели дека сега е попретпазлив со прогнозите за датумот, но останува оптимист дека добивањето одлука за старт на преговорите е изводливо на пролет доколку биде донесен „овој критичен закон“, доколку изборите се одржат на беспрекорен начин и доколку се продолжи да се води „антикорупциска политика“.