Британскиот премиер Борис Џонсон денеска изјави дека сака законски да забрани продолжување на периодот на транзиција по излезот на Британија од ЕУ. Според нив преодниот период не треба да продлжи по крајот на 2020 година.
Џонсон освои големо мнозинство на минатонеделните избори со ветување дека ќе го доведе до крај Брегзитот со што Велика Британија ќе излезе од Европската унија до крајот на јануари 2020. Потоа, ќе следи период на транзиција, за време на кој Лондон и Брисел се надеваат дека ќе преговараат за трговски договор. Европските лидери рекоа дека рокот за договорот, до крајот на 2020, е кус период за сеопфатен договор, и повторно може да доведе до ситуацијата да не се постигне договор и да се предизвика нова неизвесност и хаос.
Џонсон денеска одржа прва седница со својот кабинет по изборите и им честиташе на своите министри за резултатите. Џонсон планира пред пратениците во петок да стави Предлог закон за Договор за повлекување од ЕУ. Владата планира транзицискиот период да заврши до крајот на 2020.