Владата го раскина договорот за концесија за рудникот Иловица

Графички приказ на рудникот Иловица-Штука.

Рудник во Иловица нема да се гради, оти Владата еднострано го раскина договорот за концесија за експлоатација на рудник за бакар и злато на локалитетот „село Иловица”, во општина Босилово, соопштуваат од владината прес-служба.

Владата го раскинува договорот и анексот на договорот, оти концесионерот не поднел барање со целокупна неопходна документација за издавање дозвола за експлоатација на минерални суровини во рок од четири години по склучување на договорот, соопштуваат од Владата.

Во Општина Босилово пред две години беа организирани два неуспешни референдума во однос на изградбата на рудникот, а преку граѓански иницијативи беа организирани и протести на локалното население и еко активисти против отворање на рудникот.

Владата на седницата ги утврди и условите за легализација на дивоградбите изградени до 1 октомври годинава. За легализација на дивоградба ќе се плаќаат комуналии за објектот плус 50 проценти од тој износ како казна, а од таа давачка ќе бидат ослободени лицата од социјален ризик. Со овој предлог закон нема да се легализираат дивоградбите во Охрид, кои се наоѓаат во делот кој е заштитен од УНЕСКО.