Сведоци одговараа дали и како донирале пари за политичката кампања на ВМРО-ДПМНЕ во 2011 година, на денешното рочиште за случајот „Титаник“. Случајот се однесува на изборни нерегуларности сторени од страна на тогаш владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ.
На предлог на обвинителството денеска како прв сведок беше сослушан бизнисменот Сеад Кочан, кој во 2011 година бил управител на градежната компанија „Трансмет”. Тој денеска рече дека не се сеќава, но мисли дека никогаш нема донирано лично средства за ниту една партија, па ниту за ВМРО-ДПМНЕ. Кочан вели дека ниту фирмата „Трансмет” никогаш не донирала средства на таа политичка партија.
Бизнисменот Сеад Кочан е осуден за случајот Труст, кој се однесува на манипулации за добивање тендер од ЕЛЕМ.
Втор беше сослушан сведокот Здравко Кочишки, сопственик на фирма за изнајмување на аудио и визуелна опрема за настани. Тој рече дека за изнајмување на ваква опрема во 2011 година не и фактурирале на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, но по проверка со обвинителство било утврдено дека неговата фирма фактурирала за услуги на компанијата „Трансмет”. Тој вели дека не се сеќава како им било платено за изнајмената опрема на ВМРО-ДПМНЕ, оти не се сеќава на нешто од пред девет години.
Во случајот „Титаник“, обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство и поранешни високи функционери на партијата. Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.