Заев повторно повика на проверка на судиите и обвинителите

Архивска фотографија- премиерот Зоран Заев .

Премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев денеска на партиската трибина што се одржа во спортскиот центар Борис Трајковски во Скопје рече дека не смејат да дозволат да се заборави режимот на ВМРО-ДПМНЕ нагласувајќи дека затоа треба постојано да се потсетувата на, како што рече, злоделата на ВМРО-ДПМНЕ. Тој повторно повика на проверка на вработените во правосудството.

„Уште еднаш ја повикувам Државната комисија за спречување корупција да започне проверка на имотот на судиите и обвинителите, Управата за јавни приходи, Централниот регистар, Катастарот. Може уште овој месец да ги отпочант процесите за проверка на имот“, рече Заев.

Пред него на трибината се обратија министерката за одбрана и заменик претседателка на СДСМ Радмила Шекеринска и градоначалникот на Скопје и член на Извршниот одбор на партијата Петре Шилегов. Шекеринска ги обвини ВМРО-ДПМНЕ за лицемерие поврзано со зачленувањето во НАТО.

„ВМРО-ДПМНЕ лицемерно предлагаат предвремена ратификација на Протоколот за пристапување во НАТО,а велат дека нема да го гласаат Законот за одбрана кој е клучен за пристапувањето во НАТО заради уставното име на државата. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ земаат плата од Република Северна Македонија и тогаш тоа не им пречи. Не им пречи ниту кога во ЕПП пред партијата стои уставното име на државата. Ама им пречи кога треба целата држава да оди напред, да стане дел од НАТО, им пречи тогаш кога ја обезбедуваме иднината, границите и стабилноста преку членство на Алијансата“, рече Шекеринска од трибината во Скопје.

Скопскиот градоначалник Шилегов меѓудругото најави и дека се обезбедени пари за изградба на Универзална сала во 2020 година. Денешниот настан беше дел од трибините именувани „На прав пат“ кои владејачката партија ги одржува низ повеќе градови. Трибината заврши со тапани и изведување на песната „За многу години Македонци“.