Пендаровски: Справувањето со криминалот и корупција се услов за опстанок на јавниот поредок

Архивска фотографија- претедателот Стево Пендаровски

Претседателот Стево Пендаровски во денешното обраќање на конференцијата „Можности за регионална интеграција на Република Северна Македонија во ЕУ“ која се одржува во Скопје рече дека слабостите во самата Европска унија, не ја намалуваат „нашата одговорност за начинот на кој ќе се одвива европската интеграција на нашата земја“. Претседателот додаде дека исчекувањето на новата методологија за пристапните преговори не смеат да бидат изговор за брзината и квалитетот на домашните реформи.

„За да опстанеме како демократска држава и општество, ќе мораме да се справиме со проблемите поради кои стотици илјади наши граѓани веќе ја напуштија државата. Проблемот на организираниот криминал и високата корупција не се само предизвик за обвинителството и судството, туку се основен услов за опстанок на јавниот поредок. Релативно спорото темпо на економскиот развој е клучна пречка за отворање на добро платени работни места, коишто се единствена надеж за успорување на миграциските текови“, рече Пендаровски.

Тој зборуваше и за слабостите во образовниот систем, во јавното здравство и заштитата на човековата околина кои се повеќе стануваат причини за незадоволство кај граѓаните и мотив за напуштање на државата. Конференцијата е во организација на Унијата на европски федералисти на Македонија.