Поранешниот претседател на Судан осуден на две години затвор

Архивска фотографија- поранешниот претседател на Судан Омар ал- Башир

Поранешниот претседател на Судан Омар ал- Башир денеска е осуден на две години затвор поради корупција и перење пари. Ова е прва пресуда од низата правни постапки што се водат против ал- Башир. Него го бара и Меѓународниот кривичен суд поради обвинение за воени злосторства и геноцид во Дарфур во Судан, конфликт кој почна во 2003 година, а во кој се проценува дека биле убиени најмалку 300 илјади луѓе.

Денешната пресуда за Ал-Башир следува една година по почетокот на масовните протести против неговото три децениско владеење во чие време Судан стана дел од американскиот список на спонзори на тероризмот, а економијата пропадна по години лошо управување и санкции од САД.

75 годишниот ал- Башир се наоѓа во притвор од април од кога војската го тргна од власт. Тој е обвинет и за убивање на демонстранти во текот на повеќемесечните протести во земјата против неговото владеење.