Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски денеска на прес конференција рече дека преговорите за Изборниот законик влегле во ќорсокак по вина на власта којашто на подмолен и недемократски начин сака да протурка решенија во парламентот без претходна дебата и без спротивставување на аргументите.
„Заев и СДСМ не се искрени кога вината ја насочуваат кон опозицијата, затоа што нивното коцкање со државата ја носи државата во слепа улица. Ваквото барање само го зголемува сомнежот дека за таквите измени стои стравот од пораз на изборите коишто доаѓаат и мотивите да се злоупотреби изборниот процес, со цел да се фалсификува волјата на граѓаните. Не се случило до сега да се менува изборен модел без консензус, не се случило до сега да се менува изборен модел без да учествуваат сите политички во дискусијата за истиот или барем најголемите“, рече Николоски.
Инаку деновите до Собранието стигнаа шест илјади амандмани за двата предлог-закони кои предвидуваат измени на постојното законско решение за изборите. Првиот предлог-закон предвидува намалување на изборните единици од шест на една, а вториот предлог-закон се однесува на локалните избори и воведување отворени листи за советници.
Пратеничката група на ДУИ поднесе речиси 5.000 амандмани на предлог – измените на Изборниот законик, затоа што смета дека процесот на еднонасочно, еднострано менување на правилата на игра пред да започнат изборните процеси е опасен преседан.
Од ВМРО-ДПМНЕ поднесоа околу 600 амандмани и велат дека секој Изборен законик треба да се донесе со што поширок партиски консензус и што подалеку од изборниот момент.
Предлог измените на изборниот законик, пак, до Собранието ги доставија група пратеници предводени од помалите партии. Нивната иницијатива ја поддржува СДСМ и премиерот Зоран Заев кој смета дека е најдобро да се промени изборниот модел во една изборна единица и тоа да се применува веднаш за претстојните парламентарни избори.