Турскиот парламент објави декларација во која се осудува резолуцијата на американскиот Сенат за геноцидот врз Ерменците. Според турскиот парламент резолуцијата на американскиот Сенат е неважечка бидејќи се запоставени основните правила на меѓународното право со отфрлање на историските факти. Американскиот Сенат претходно усвои резолуција според која масовното убиство на Ерменците од страна на Османлиите пред еден век претставува геноцид. Резолуцијата е предлог на демократскиот сенатор Роберт Менендез од Њу Џерси и републиканскиот сенатор Тед Круз од Тексас и со неа се потврдува дека геноцидот навистина се случил и Турција е одговорна за истиот.