Димитров: Лесно е да се растури, тешко е да се гради

Односите меѓу две држави, за да бидат пријателски и блиски, претпоставуваат почитување на тоа право и на достоинството на другиот, напиша на Фејсбук министерот за надворешниработи Никола Димитров во врска со ставот на Бугарската академија на науките за македонскиот јазик. Тој посочува дека историскиот процес што е започнат со соседна Бугарија, е со цел да води кон вистинско зближување и пријателство, за да руши стравови и предрасуди.

„Прифаќање на периодот на заедничка и испреплетена историја што ги поврзува бугарскиот и македонскиот народ, но и на сегашноста – македонски народ што говори македонски јазик. За овој процес да успее, на двете страни им треба мудрост и деликатност, големина во разбирањето и почитувањето на грижите и достоинството на другиот. Лесно е да се растури, тешко е да се гради“, вели шефот на дипломатијата Димитров.

Бугарската академија на науките смета дека македонскиот јазик не постои и оти тој е „писмено-регионална норма“ на бугарскиот јазик.

Ставот на БАН е на линија со Декларацијата на бугарската влада од октомври годинава, која содржи повеќе од 20 услови кои официјално Скопје ќе мора да ги исполни за да стане членка на ЕУ.

Инаку македонскиот и бугарскиот премиер, Зоран Заев и Бојко Борисов, пред две години го потпишаа Договорот за добрососедство меѓу двете земји, кој, меѓу другото, предвидува формирање мешовита експертска комисија за историски и образовни прашања, која треба да работи на решавање на отворените прашања.