Пратеничката група на ДУИ поднесе речиси 5.000 амандмани на предлог – измените на Изборниот законик, затоа што смета дека процесот на еднонасочно, еднострано менување на правилата на игра пред да започнат изборните процеси е опасен преседан со кој би се соочило ова Собрание и политичката сцена, изјави денеска пратеникот од ДУИ, Артан Груби. Тој смета дека партиите треба консензуално да донесат решение за менување на изборните правила.
Претходно, претседателот на собраниската Комисија за политички систем Александар Кирацовски информираше дека за измени на Изборниот законик досега се поднесени 6.000 амандмани.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека секој Изборен законик треба да се донесе со што поширок партиски консензус и што подалеку од изборниот момент. Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција рече дека партијата поднела околу 600 амандмани на Законот за една изборна единица и исто толкав број на амандмани на другиот предлог-законот што се однесува на изборните листи.
И за друг предлог закон во Собранието се поднесени бројни амандмани. ВМРО-ДПМНЕ поднесе околу 950 амандмани за Предлог-законот за Академија за судии и јавни обвинители, соопшти Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.
За Законот за јавнообвинителска служба, Милошоски рече дека ќе поднесат доволен број амандмани за тој закон за да не може да помине, оти како што вели целта на овој закон е да се заобиколи Законот за Јавно обвинителство и државниот обвинител да добие ингеренции кои не му следуваат, а поврзани со вработените во СЈО.