Обвинителката Фатиме Фетаи на денешното рочиште за случајот Монструм, рече дека еден од осудените во „Диво насеље” Шевчет Халачи и пратил материјали за петкратното убиство кај Смилковското Езеро. Таа рече дека Шефчет Халачи и се јавил во јуни годинава од затвор и ѝ рекол дека има 140 гига бајти прислушувани разговори, кои тој ги праќал и на Ел Чека. Таа му кажала тие снимки да ги испрати и до Специјално јавно обвинителство.
Обвинителката Фетаи појасни дека меѓу снимките што и ги пратил Халачи, покрај за „Монструм”, има материјали и за други случаи што ги водеше поранешното СЈО, а сега ги води Основното јавно обвинителството. Снимките за „Монструм“ јавноста веќе ги има слушнато и тоа се разговорите кои ги воделе бизнисменот Орце Камчев и новинарката Оливера Трајковска за овој случај, рече Фетаи.
Фетаи на денешното рочиште за „Монструм“ истакна дека сите материјали кои ги добиле во СЈО од Халачи, се предадени на Судот.
За петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута. Потоа Врховниот суд во декември лани ги укина пресудите. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење, а сега случајот го презеде Основното обвинителство.