Заев: Да не бидеме наивни и да отвораме работи кои може да не поделат

Нема да дозволиме да бидеме наивни никој од нас да отвораме повторно некои работи кои би можеле да не поделат, изјави премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање за ставот на вицепремиерот Бујар Османи околу забелешките на Венецијанската комисија за законот за јазици. Тој додаде дека заедно како Влада ќе ги утврдат следните чекори поврзани со самото законско решение.

„Од сите тие работи овој Закон беше едната работа која не обедини. Секако, како што рековме и претходно и така понатаму ние дадовме заеднички писма и дописи до Венецијанската комисија, Владата носеше одлуки, Парламентот го усвои претходно законот“, додаде премиерот Заев.

Претходно вицепремиерот Бујар Османи на прес конференција изјави дека нема согласност за измени на законот и дека доколку македонските политичари не ги земат в предвид ставовите на албанските политичари ќе се измести балансот во македонско-албанските односи.

„Венецијанската комисија не е супермаркет каде што може да бирате дали овој продукт ќе го земете, а другиот ќе го оставите . Венецијанската комисија вели, да, да има потешкотии во судството затоа што нема капацитети, но вели да, можете да употребите двојазчинот во банкнотите. И не може вие да отворите дебата за судството а да не отворите за двојазичноста за банкнотите,“ изјави Османи.