Многу сериозно ќе го анализираме мислењето на Венецијанската комисија, изјави денеска випремиерката и министерка за одбрана Радмина Шекеринска одговарајќи на новинарски прашања во седиштето на СДСМ.
„ Според тоа што имавме прилика директно да го прочитаме, а не да го видиме толкувано од страна на некој, за некои прашања имаат дилеми, за некои прашања нема дилеми, за некои прашања Венецијанската комисија оди и чекор напред. Многу сериозно ќе го анализираме мислењето, ќе земеме предвид различни забелешки и ќе се трудиме да најдеме решение кое ќе биде плус за сите граѓани во државата. Како Влада побаравме од Венецијанската комисија да ни достави мислење по законот и да ни достави мислења по две прашања кои ги оставивме за отворени. Кога ќе го добиеме сето ова, ќе го извлечеме најдобриот можен резултат за сите граѓани“ одговори Шекеринска откако претходно за ова поинаков став искажа на прес конференција вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.
Таа додаде дека долго време законот е на сила и ниту еден граѓанин не платил казна зошто не знае албански јазик.
„Сметаме дека ова не е прашање кое треба повторно да ја дели државата. Видовме како неодговорни политичари не доведоа на раб на војна создавајќи страв кој беше нереален“, додадеШекеринска.
Претходно вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи на прес конференција истакна дека не може да се отвори дебата во јавноста за употребата на законот за јазиците во судството а при тоа да не се зборува за двојазичноста на банкнотите и војничките униформи. Тој смета дека еднострано поместување на балансот односно ако македонските политичари без согласност на албанските преземат измени на законот тогаш „буквално се руши оската на која се држи балансот на македонско- албанските односи“.