Венецијанската комисија во мислење усвоено денеска, ги повикува властите на Северна Македонија да го преиспитаат Законот за употреба на јазиците преку консултации со сите засегнати страни, јавува дописникот на МИА од Стразбур.
Според соопштението, правните експерти на Советот на Европа подвлекуваат дека во споредба со законодавството од 2008 година, новиот закон значително ја проширува употребата на албанскиот јазик и во многу аспекти ги надминува европските стандарди утврдени со Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и Европската повелба за регионални и малцински јазици.
Комисијата оценува дека во одредени области новиот закон може да оди премногу далеку со наметнување на јавните институции на нереални правни обврски, особено во врска со употребата на албанскиот јазик во судска постапка. Според мислењето на Венецијанската комисија, овој пристап би можел значително да го забави функционирањето на целото правосудство, ризикувајќи сериозни нарушувања на правото на фер судење, загарантирано со Европската конвенцијa за човекови права.
Комисијата понатаму забележува дека законот за јазици не е прецизен кои одредби важат само за албанскиот, а кои, исто така и за другите јазици на заедниците.
Венецијанската комисија дава неколку препораки до властите на Северна Македонија, особено за напуштање на одредбите што се однесуваат на двојазичноста во судските постапки. Исто така, препорачува обврската да се користи албанскиот јазик во внатрешна и меѓуинституционална комуникација меѓу државните службеници, да се ограничи на писмените службени комуникации или да биде одложено додека не стане реално соодветното спроведување на таа одредба.