Потписничките на договорот со Иран за нуклеарната програма, денеска започнаа разговори со иранските власти за да се спаси договорот постигнат во 2015. Минатата година договорот го напуштија Соединетите Американски Држави. На денешната средба во Виена учествуваа претставници на Велика Британија, Франција, Германија, Кина и Русија, како и на Иран.
Денешната средба доаѓа во време на зголемени тензии меѓу Западот и Иран.
Техеран почна да прекршува дел од договорот, откако Вашингтон се повлече од спогодбата и ги врати санкциите што ја осакатија иранската економија.
Во пресрет на состанокот, Велика Британија, Франција и Германија, го обвинија Иран дека развива балистички ракети.
Иранскиот министер за надворешни работи, Мохамед Џaвад Зариф, ги отфрли овие обвиненија, кои ги опиша како „очајна лага“. Тој, исто така, рече дека трите држави се покажале неспособни во исполнувањето на обврските од договорот.