НАТО и Русија се за соработка, но...

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

НАТО меѓу заканата и дијалогот со Русија

Лидерите на НАТО во завршната декларација од нивниот состанок во Лондон ја наведуваат Русија како закана за Алијансата. И додека францускиот претседател Емануел Макрон по завршувањето на самитот го постави прашањето дали Русија воопшто може да се смета за непријател, рускиот претседател Владимир Путин ја повтори подготвеноста за соработка со НАТО.

Претседателот Путин рече дека Русија е подготвена заеднички со НАТО да се бори против заканите по меѓународната безбедност.

Говорејќи на состанокот со официјални лица во Сочи тој рече:

„Знаете повеќепати искажавме подготвеност за соработка со НАТО, ја покажавме нашата подготвеност за заедничка борба против реалните закани, вклучително, како што знаете, и меѓународниот тероризам, локалните вооружени судири и опасноста од неконтролирано ширење на оружјето за масовно уништување“.

Ден претходно Путин изјави дека проширувањето на НАТО и зајакнувањето на нејзината воена инфраструктура во близина на границите на Русија ја загрозуваат безбедноста на земјата.

На звршната конференција по самитот во Лондон генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изрази уверување дека треба да има дијалог со Москва:

„Значи, НАТО и јас, ние веруваме во дијалогот со Русија, но веруваме во она што го нарекуваме„ пристап на двојна патека “, што значи одвраќање, одбрана и дијалог. Сè додека сме силни, обединети и цврсти, тогаш, секако, ние исто така може да се впуштиме во дијалог со Русија, вклучително и за контролата на оружјето. Ние мора да избегнеме нова трка во вооружување“.

Со исто тврдење беше и портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков кој изјави дека Русија нема да се вклучи во трка за вооружување со НАТО, дури и ако Алијансата ги зголеми своите воени трошоци.

Според него, тоа ќе биде штетно за руската економија.

„Путин повеќепати посочи дека работиме на поинаков начин“, рече тој.

Во меѓувреме, францускиот претседател Емануел Макрон во Лондон уште еднаш го постави прашањето дали Русија навистина му е непријател на НАТО:

„Ова е прашањето што му го поставив пред некој ден на директен начин на Столтенберг во Париз: Кој е непријателот?. Ова е прашање на кое треба да се осврнеме. Кога се создаде Алијансата одговорот беше едноставен: Русија, СССР. Работите се случуваа на тој начин, тие се сменија од пред триесет години. Дали сите околу масата велат дека Русија е непријател? Не мислам така“.

Макрон сепак го оцени самитот на НАТО во Лондон за позитивен и конструктивен.

Макрон наведе дека стои зад неговата претходна оценка дека Алијансата е „мозочно мртва“, наведувајќи дека таа довела до дебата во НАТО за важни стратегиски прашања.

„Кога има мраз, треба и мразокршачи“, изјави Макрон кој додаде дека е прерано да се каже дали сите сојузници се согласуваат околу идните приоритети на НАТО.