Собрание: членот 11 од Законот за помилување не постои

Архивска фотографија- Законодавно-правна комисија во Собранието

Собраниската Законодавно – правна комисија на денешната седница заклучи дека нема потреба од давање автентично толкување за член што не постои, односно на членот 11 од Законот за помилување донесен во 1993 година. Инаку, единствена точка на дневниот ред беше барањето за давање автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување, поднесено од пратениците Сашко Костов и Диме Велков од СДСМ.

До ова дојде откако Уставниот суд минатата недела одлучи да јастави на дневен ред иницијативата за преиспитување на членот 11-а од Законот за помилување. Со ваквата одлука на уставните судии се отвори можноста да се вратат во сила помилувањата кои поранешниот претседател на државата Ѓорге Иванов ги даде за 56 лица, а подоцна ги повлече.

Вчера Владата го испрати до Собранието мислењето за автентично толкување на член 11 од Законот за помилување според кое Иванов немал законско право да помилува.Уставниот суд денеска, пак, на предлог на судијата Осман Кадриу, со мнозинство гласови одлучи да го одложи одлучувањето по нацрт-решението за Законот за дополнување на Законот за помилување поради постапката за автентично толкувањето што се одвиваше во парламентот.