Уставниот суд отфрли корегирање на амнестијата за 27-ми април

Уставниот суд со шест гласа „за “ ја отфрли иницијативата за укинување на селективната амнестија што ја поднесе осудениот поранешен директор на Биро за јавна безбедност Митко Чавков. За Чавков, кој не беше амнестиран, спорна е нееднаквоста на лицата пред законот.

Поранешниот министер за внатрешни работи и поранешен директор на Биро за јавна безбедност Митко Чавков со иницијативата што ја поднесе до Уставниот суд побара да се укинат два члена од законот. Односно во суштина тој побара да се укине амнестијата за сите кои беа ослободени од кривичен прогон за насилниот упад во Собранието на 27 април 2017 година затоа што смета дека со тоа се дискриминираат другите кои останаа во затвор. Шест судии го подржаа предлогот со кој се отфрла иницијативата, односно да не се поведе постапка за укинување на членовите 1 и 2 од законот. Во своето излагање дел од уставните судии истакнаа дека овој закон е неевропски и не можат да го стават Уставниот суд во улога на Парламентот кој е единствено надлежен за ваков вид на помилување.

Со амнестијата не беа опфатени организаторите и директните учесници во насилствата за време на изборот на Талат Џафери за претседател на законодавниот дом.

Видете и ова: За „крвавиот четврток“ вкупно 211 години затвор


Причините поради кои Чавков бара помош од Уставниот суд е дека со селективната амнестија се кршат основните права на слободи како и еднаквост пред законот, односно тоа што со амнестијата не беа опфатени сите обвинети за овој случај, кои се товареа за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.

Тој ја доби највисоката казна за „крвавиот четврток“, односно треба да одлежи 18 години затвор.

Судијата известител Владимир Стојановски предложи да не се прифати иницијативата затоа што не може Уставниот суд да ја преземе улогата и надлежноста на Собранието во одлучувањето за тоа кој да биде амнестиран.

Претседателот на Уставниот суд Сали Мурати е против законот за амнестија во целост. Тој смета дека е неевропски закон и дека со него се наштетува на владеењето на правото и дека со неказнивоста на сторителите и натаму се допушта повторно при некоја наредна смена на власт да се случи истото.

„Јас како човек сум против овој закон, јас сум против амнестијата, зошто јас да се срамам од таа слика од Собранието, треба да се прашаме дали со овој закон беше нарушена основната темелна вредност, дали беше нападнат плурализмот. Лично сметам дека со целиот закон се повредува членот 51 од Уставот. Отвора пат за утре пак да се случи ова и политичарите да ги амнестираат“ рече Мурати во своето излагање.

На ова се спротивстави судијата Јован Јосифовски.

„Јас сум тука како судија а не како човек, јас отсекогаш сум се сложувал со чинот на милост, со давањето на амнестија , но само кога тие се коректни за сите исти сторители на исто кривично дело, да нема двојни аршини. Јас секогаш ќе бидам на страната на амнестијата но само ако е коректна а не селективна“ му реплицираше Јосифовски.

Видете и ова: Помилувања преку Иванов со политички договор?


Судиите Никола Ивановски и Дарко Костовски во своите излагања рекоа дека не можат да одат против надлежноста на Собранието да одлучи кој ќе биде амнестиран и ќе прифатат да не се поведе постапка но сепак не се согласуваат со, како што велат, селективноста во амнестијата. Дел од судиите како спорни елементи во законот за амнестија ги наведоа ослободувањето на оние кои се само обвинети или осомничени затоа што досегашната пракса била да се амнестираат само оние кои се со правосилна пресуда.

Јосифовски смета дека со различните пракси од шестте амнестии кои од независноста до сега се изгласани во Собранието, пратениците за едни биле мајка за други маќеа.

„ Не се согласувам со подносителот на иницијативата во целост, но во суштина ги оспорува целосно членови еден и два и мислам дека е некоректно да бара поведување на постапка со која ќе се поништи целата амнестија, но ако внимателно читате тој во основа бара да не биде дискриминиран.

Од тој аспект има одредени дилеми во поглед на член два, особено ако се има предвид судската пракса од амнестијата за настаните од 2001 година кога Собранието не правеше поделба кој да биде амнестиран “, рече Јосифовски.

За уставниот судија Осман Кадриу законодавецот има право да одреди колкава ќе биде листата на кривични дела за кои ќе даде а за кои нема да даде амнестија.

„Сега на истиот кривичен настан се извршени повеќе кривични дела и така е извршена и класификација на конкретните кривични дела. Нема елементи и основи да се посомнева е дека законодавецот извршил дискриминација со законот за амнестија“ изјави Кадриу.

Меѓу амнестираните за „крвавиот четврток“ беа и петмината пратеници Крсто Мукоски, Сашо Василески, Јохан Тарчуловски, Љупчо Димовски и Љубен Арнаудов, кои беа обвинети дека ги отвориле вратите и ги насочувале лицата со фантомки и другите граѓани кон пленарната сала и кон прес-центарот во Собранието на 27 април.

Меѓу амнестираните беа и водачите на протестите на „За заедничка Македонија“, Богдан Илиевски, Владо Јовановски и Борис Дамовски, кои беа обвинети дека со своите говори ги повикале граѓаните да влезат во законодавниот дом.