Зоран Милески – Кичеец обвинет во случајот „Рекет“, денеска доби казна затвор од три години, во која се пресметува и времето кое го поминал во притвор. Тој треба да плати и за трошоците во Судот и за трошоците за негово спроведување.
Тој е обвинет за кривичното дело „Примање награда за противзаконито влијание“ според член 359 став 7. Милески договарал средби меѓу првообвинетиот во „Рекет“ Бојан Јовановски и Aна и Јордан Камчеви, и ги уверувал дека Јовановски има врски со Катица Јанева и може да влијае на случајот во кој осомничен е Камчев, а за тоа тие добиле награда од 1,5 милион евра.
Од Милески се одземени мобилни телефони, рачни часовници, по неколку лап -топи и таблети, хард дискови, и други електронски уреди.
Тој вчера на почетокот на судењето призна вина за делото во случајот Рекет. Тој рече дека го разбрал обвинението, доброволно признал и се чувствува виновен.
Судот, исто така, одлучи Милески да остане во домашен притвор до правосилноста на изречената затворска казна.
Обвинителката Вилма Рускоска изјави дека казната за Кичеец е очекувана и оти откако ќе ја добие пресудата ќе реши дали ќе поднесе жалба.
За останатите обвинети во Рекет, Јовановски и Јанева, судењето продолжува в петок.