Иако не е услов за членството на Северна Македонија во НАТО се отвораат прашања околу безбедноста и кинеското влијание во развојот на 5Г мрежата и дигиталната инфраструктура во земјата, потврдија денеска од Владата за МИА.
На Самитот на лидерите на НАТО кој ќе се одржи утре во Лондон, 5Г технологијата, улогата на Кина и на нејзиниот оператор Хуавеи ќе бидат дел од отворените теми , како што најави генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.
Мнозински сопственик на Македонски Телеком е унгарската Матав, дел од Дојче Телеком, кој соработува со Хуавеи во развојот на новата технологија. Оттука Владата, иако е делумно сопственик на македонските телекомуникации има ограничено влијание врз одлуките поврзани за 5Г, велат од Владата.
Меѓутоа, со оглед на жестоките расправии во ЕУ и во НАТО за ризиците што ги носи кинеското влијание преку Хуавеи, но и со оглед на загриженоста во нашата влада, велат дека прашањето се разгледува од блиску и оти ќе има реакција.
"Ние не сме доминантен сопственик,но сепак имаме удел во нашиот Телеком, и сме регулатор, ќе се трудиме во стратегиите што ги носи Владата за 5Г како услови да бидат вградени овие безбедносни услови за НАТО", наведoа високи владини извори денеска во Лондон на брифинг со новинарите.
Прашањето до кој степен треба да се отворат пазарите за кинескиот гигант се една од жестоките теми помеѓу сојузниците во НАТО.
Од Владата истакнуваат и дека проблемот со безбедноста на мрежата е прашање кое се поставува и вон рамките на НАТО, бидејќи во фокусот се личните податоци на македонските граѓани кои треба да бидат заштитени.