Претседателот на Собранието Талат Џафери рече дека ќе започне собраниска процедура за барањето автентично да се толкува законот за помилување. Тој денеска до Владата и до претседателката на Законодавно-правната комисија ќе достави писма со барањето од СДСМ за автентично толкување на членот 11 од Законот.
Според деловникот, од Владата потоа се очекува одговор, по што Комисијата одлучува дали ќе го прифати или не. Комисијата може да побара мислење и од Комисијата за политички систем, а може да расправа за темата и без Владата да достави мислење. Но, како што вели Џафери, седницата може да се закаже дури по завршувањето на дебатата за Буџетот на Комисијата за финансирање и буџет, по 11 декември.
Џафери вели дека иако постојат одредени дилеми во однос на барањето и членот 11 од Законот за помилување, тој е должен барањето да го проследи во натамошна процедура. Според него, Уставниот суд, меѓу другото, треба да каже што значи неговата одлука од март 2016 година во која се наведува дека членот односно измените и дополнувањата на Законот се укинуваат.
Што и да реши Законодавно-правната комисија, барањето за автентично толкување завршува пред пратениците. Доколку има предлог – автентично толкување и заклучок од Комисијата до почетокот на собраниската седница за предложениот текст може да се доставуваат амандмани, кои ќе се разгледуваат на седницата. Доколку пак го одбие барањето, испраќа извештај до Собранието, кое пак го прифаќа или го одбива. И да нема и да има одлука од Комисијата, Собранието решава дали и какво автентично толкување ќе се донесе. Во двата случаја потребно е просто мнозинство.
Законодавно-правната комисија (ЗКП) ќе чека мислење од Владата пред да расправа за барањето за автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување, соопшти денеска претседателката на Комисијата, Соња Мираковска.
Иницијативата за автентичното толкување уследи по одлуката на Уставниот суд да ја стави на дневен ред иницијативата за оценувањето на одлуката на поранешниот претседател Ѓорге Иванов за повлекување на аболицијата.