Министерката за одбрана Радмила Шеќеринска на нејзиниот Фејсбук профил изрази гордост поради тоа што македонското знаме е кренато на јарбол во Лондон, во пресрет на самитот на НАТО, а заедно со на останатите 29 членки. Самитот на Алијансата треба да се одржи на 3 и 4 декември во Лондон. На самитот на НАТО во Лондон Северна Македонија ќе седне на иста маса со лидерите на земјите членки на Алијансата. Владината делегација ќе ја предводи премиерот Зоран Заев, а во нејзин состав ќе бидат и министерката Шеќеринска и шефот на дипломатијата Никоќла Димитров. Земјата ја дели само една ратификација од полноправното членство во НАТО, со оглед дека за десет месеци Протоколот за пристапување на нашата држава во НАТО е ратификуван од 28 од вкупно 29 членки. Во завршната декларација од Самитот предвидено е во посебен параграф да биде забележано дека земјата е добродојдена како 30 членка.