Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција обвини дека премиерот Зоран Заев и СДСМ ја враќаат темата со Уставниот суд за да не одговараат за актуелните скандали.
„Заев и СДСМ ја наметнуваат темата за Уставен суд, затоа што прават подготовка на терен за некоја идна аболиција на Заевци и луѓето од власта која треба да се испорача од Пендаровски, а кои се плашат од одговорноста за аферите сега, како и еден вид задоцнета испорака од власта за услуги кај дел од луѓето, добиени за чекорите превземени во изминатите месеци. Но треба да знаат сите до еден од власта, оние вмешани во Рекет 1, 2 па и во наредните продолженија, аферата „Кеш“, оние во криминалните тендери и афери, и сите оние кои сега или порано се огрешиле спрема законот дека јас аболиција не поддржувам и компромиси со правдата не правам“, рече Мицкоски.
Тој воедно побара да се направат законски измени со кои ќе се забрани секое лице кое ќе добие амнестија, да се занимава со политика или да врши јавна дејност во државата.
Потоа, како што наведе Мицкоски, да се отвори дебата, да се консултира правната фела и да се донесат решенија во насока на забрана на аболиција на лица кои се занимавале со политика, бидејќи, според него, уште во 2008-та година и случајот „Глобал“ се покажало дека правдата се изигрува преку несовесно давање на амнестија.