Премиерот Зоран Заев во видео обраќање денеска порача дека во изминатите две и пол години се покажало дека судството останало последната тврдина на „заробената држава“, под контрола на одреден број судии и обвинители на моќни позиции.
„Овие последни упоришта на „заробената правда“ продолжија да ги контролираат судските процеси во кои беа осомничени токму протагонистите на режимот. Злоупотребувајќи ја одвоеноста на судската од извршната власт, овие таканаречени Сваровски судски центри на моќ застанаа на патот на правдата“, истакнува Заев.
Тој вели дека правосудството мора да се прочисти од нечесните судии и обвинители, за да можат, според него, чесните и професионалните, непречено да ја обезбедат правдата која ја чекаат граѓаните.
Воедно Заев упатува и повик до Антикорупциската комисија веднаш да започне постапка за проверка на имотот на судиите и обвинителите и да ги утврди и конфликтите на интереси. Тој ги повикува и Судскиот совет и Советот на обвинители да ја оценат одговорноста на судиите и обвинителите за застарувањето на предметите и целосно да ја проверат професионалноста и ажурноста на работата на судиите.
Истовремено, најавува дека преку институциите ќе започнат контрола на сите лекарски потврди за домашен притвор, или за привремено пуштање од затвор, по кои се случило бегство. Владата ја повикува и Европската Комисија, веднаш да го стартува инструментот за мониторинг на судски случаи од висок профил.