Уставниот суд на седницата закажана за среда ќе ја разгледува иницијативата за уставноста и законитоста на членот 1 и членот 2 од Законот за амнестија врз основа на кои беа амнестирани инволвирани лица во насилството во Собранието на 27 април 2017 година.
Во членот 1 се наведува дека се ослободуваат од кривично гонење, се запираат поведените кривични постапки и целосно се ослободуваат од издржување на казната затвор, лицата за кои постои основано сомневање дека сториле кривично дело поврзано со настаните во Собранието на 27 април 2017 година.
Во членот 2 пак се наведува дека со амнестија од ставот 1 на овој член се ослободуваат од кривично гонење според Кривичниот законик и друг закон на Република Македонија лицата за кои постои основано сомневање дека сториле кривично дело поврзано со собраниските настани од 27 април 2017 година.
Меѓу амнестираните беа петмината пратеници Крсто Мукоски, Сашо Василески, Јохан Трчуловски, Љупчо Димовски и Љубен Арнаудов кои беа обвинети дека ги отвориле вратите и ги насочувале тие со фантомки и другите граѓани кон пленарната сала и кон прес-центарот во Собранието на 27 април.
Богдан Илиевски, Владо Јовановски и Борис Дамовски кои беа водачи на протестите на “За заедничка Македонија“ и кои беа обвинети дека со потпалувачки говори ги повикале граѓаните да влезат во Собранието исто така беа амнестирани.