Нема одлука за Гоце Делчев на македонско-бугарската комисија

Средниот век, Османлиската империја и евентуалното заедничко чествување на Гоце Делчев се темите за кои разговараа членовите на Заедничката македонско-бугарска на деветтата средба, која се одржа вчера и денеска во Софија. Тие во овие два дена не постигнаа напредок по прашањето за Гоце Делчев. Според изјавите од македонскиот тим во Комисијата усогласени се препораки за бугарските учебници и започната е дискусија за евентуално чествување на Гоце Делчев.

„Тензиите кои постојат во нашата работа изминативе месеци не стивнуваат“, вели Ангел Димитров, копретседавач во Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања.

Тој на средбата со новинарите, како што јавуваат бугарските медиуми, истакнал дека постигнатите договори до моментов се незначителни и додаде дека се уште нема договор во однос на средновековниот период и за Гоце Делчев.

„Загрижен сум не само затоа што секој чекор напред е нешто добро, не толку за самиот Договор, колку за односите меѓу луѓето од двете држави. Загрижен сум и затоа што едно од решенијата на Комисијата беше очекувањето за поинтензивна работа со цел да постигнеме определени резултати до крајот на годината околу разговорите за Гоце Делчев и за Илинденското-Преображенско востание“, вели Димитров.

Според него, работата по ниту едно од тие прашања не е завршена и се префрла на политичко ниво.

Досега, Заедничката комисија има одржано осум средби и препорачано на владите на двете држави заеднички чествувања на Св. Кирил и Методиј, Св. Климент, Св. Наум и Цар Самоил, како и препораки за подобрување на учебниците по историја за шесто одделение вомакедонското образование и учебникот за петти клас вобугарското образование.