Премиерот Заев разговарал и со лажна Грета

Премиерот Зоран Заев

Премиерот Зоран Заев телефонски разговарал со личност која се преставила дека е еко-активистката Грета Тунберг. Разговорот бил закажан преку македонското дипломатско претставништво во Обединетите нации. Советникот за односи со јавност Марјан Забрчанец на денешната конференција „е-општество“, рече дека станува за хибриден напад, но дека премиерот навреме се посомневал во идентитетот на соговорничката. Но сепак разговорот бил воден до крај, за да се потврдат сомнежите.

По разговорот веднаш биле направени проверки, а стапиле во контакт и со семејството на вистинската Грета и ги известиле дека некој го злоупотребува нејзиното име. Летово беше објавено дека Заев е цел на руски пранкери кои со него неколкупати се слушнале претставувајќи се дека се поранешниот украински претседател Петро Порошенко и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Откако пранкерите ги објавија разговорите на Јутјуб, Владата најави зајакнување на протоколот за телефонски разговори.