Државниот јавен обвинител, Љубомир Јовески денеска изјави дека првичните согледувања за предметот поврзан со бонусите кои биле исплаќани во СЈО, покажале дека за иста работа, доверливост, двапати се делеле надоместоци во СЈО.
„Првенствените согледувања покажуваат дека по ист основ двапати се делеле надоместоци. Ако ги гледате апсурдите до каде се донесени во делот на трошењето на државните пари, ќе видите дека секретар има поголема плата од претседателот на државата. Дали е тоа оправдано или логично, проценете. Со ова не ја прејудицирам постапката што Обвинителството ја води“, изјави првиот човек на Обвинителството.
Тој објаснува дека законот има изречна одредба дека тие додатоци не може да надминат 35 отсто од платата, трите вида додатоци: за ризик, за доверливост и за услови за работа. Висината на додатокот ја определува раководителот за секој одделно.