Премиерот Зоран Заев, одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието, рече дека нема да дозволи нарушување на дигнитетот на СЈО, заради поединечни случаи. Тој рече дека оваа влада транспаренто објавила податоци за работењето на СЈО, а има органи кои ќе потврдат дали некој работи законски, а кој незаконски. Нагласи дека поединечна одговорност треба да постои и дека низ судска постапка, таму каде што ќе се утврдат незаконски постапувања, треба да се одговара.
Порача дека тој како премиер нема да дозволи никој поединец да го штити криминалот и дека надлежните органи треба да истражат и да одлучат каде има неправилности во однос на финансиите кои биле распределени во СЈО.
„Исплаќања од 1000 евра, од 1.500 евра не смее да биде некоја не знам каква драма. Премиерот зема 84.000 денари плата, пратениците земаат 100.000 денари заедно со трошоците, кога ќе пресметате тоа се 18.000 евра годишно. За четири години се 75.000 евра и од тука ќе извлекувате драма. Таму се вработени стручни служби. Таму се 10 специјални јавни обвинители кои ги ставиле главите под ризик“, појаснуваше од говорницата Заев.