Што следува ако се утврди правото на дишење чист воздух?

По четири месеци од поднесената тужба против загадувањето на воздухот во Основниот суд е закажано рочиште. Екологистите не очекуваат да се случи чудо, но велат дека добро е што преку тужба се укажува оти сите рокови за справување со аерозагадувањето се пречекорени.

Со кус коментар во јавноста од здружението на млади правници се осврнаа врз очекувањата од поднесената тужба поради аерозагадувањето која беше поднесена пред четири месеци со зборовите дека бараат да се утврди повреда на правото на дишење чист воздух.

Во Основниот суд во Скопје е закажано рочиште на кое треба да започне расправа по поднесената тужба од македонските млади правници поради континуирано аерозагадување.

Македонското здружение одлучи да поднесе тужба во јули против Владата, Министерството за животна средина и градот Скопје со која се бара судот да утврди дека тужените го повредиле правото на здравје, животна средина, и на личниот и семејниот живот на граѓаните затоа што од 2007 до 2018 година не презеле мерки на активности согласно законите за справување со аерозгадувањето и намалување на ПМ 10 четстичките во воздухот.

По четири месеци од поднесувањето на тужбата Александра Цветанова од македонското здружение на млади правници вели дека тие бараат да се утврди повреда на правото на дишење чист воздух.

„Ние сакавме судот да одлучи дали органите кои ги имаат овластувањата не постапувале по нивните законски надлежности, а со самото тоа да се подобри квалитетот на воздухот. Ние во ова фаза бараме да се утврди дека не постапувале по нивните законски пропишани норми. Не може да прејудуцираме каква ќе биде одлуката на судот, но се надеваме дека судот ќе препознае повреда во овој дел односно дека на граѓаните им е повредено човековото право на здрава животна средина“, изјави Цветанова.

Судот во Полска пак деновиве донесе одлука државата да им плаќа отштета на Полјаците затоа што „не води доволно решителна и ефикасна борба против загадувањето на животната средина и со тоа го крши нивното право на слободно движење и дишење чист воздух“.

Судот ја донесе ваквата пресуда врз основа на тужбата против Полска покрената во минатиот месец од неколку јавни личности, предводени од актерката Гражина Волшчак, во која се тврди дека државата „не презема доволно мерки полските градови да не бидат меѓу првите на неславната листа на најзагадени места за живот во Европа“.

По повод одлуката на судот во Полска, екологистите кај нас велат дека не се големи оптимисти оти македонските судови се доволно информирани за важноста од спроведување на правната рамка што ја игра во решавање на аерозагадувањето.

Осврнувајќи се врз тоа што може да добијат грѓаните од поднесената тужба за утврдување на правото на здрава животна средина, Елена Николовска од граѓанската организација „Еко свест“ вели дека во Македонија не може преку ноќ да очекуваме да се случи чудо, но оти позитивно од правната постапка е што со тоа се укажува дека сите рокови се пречекорени и граѓаните веќе не може да толерираат одложување.

„Ваквата тужба секако повеќе ќе има медиумско влијание отколку што ќе има реално влијание врз судовите, ама секако е позитивно зашто и дава јасен знак на државата дека мора да ги придвижи работите и дека мора да преземе итни мерки да се справи со аерозагадувањето“, вели Николовска.

По повод одлуката на судот во Полска државата да плати отштета таа вели дека во Полска како членка на ЕУ може многу повеќе да се направи затоа што европската легислатива, посебно директивата на Европскиот парламент од 2008 година, ја обврзува Полска да води сметка за загадувањето на воздухот.

„Полска е земја членка на ЕУ и мора да ги спроведува сите директиви вклучително и директивата за амбиентален воздух на ЕУ. Таа директива кај нас донекаде е имплементирана во националното законодавство. Има и сега обврска да ја спороведуваме затоа што е дел од националното законодавство, но комплетно ќе може да бидеме во можност по влезот во ЕУ. Тоа не значи дека сега нема доволно правни основи за да се тужи државата затоа што не обезбедува спроведување на законски решенија поврзано со воздухот и тоа се случи кај нас кога здруженијата на млади правници покренаа тужба по повеќе основи против државата затоа што не обезбедила квалитет на воздухот на граѓаните" вели Николовска.

Таа не верува дека има големи шансите судот да донесе одлука, но ако тоа се случи ќе може да се планираат чекори и пред меѓународните судови.

„Во случајот со Полска беше искористено и меѓународното право. Се направи и меѓународен притисок дека не ја спровеле директивата за амбиентален воздух на ЕУ. Кај нaс ако остане на нaционалнитe судови не верувам дека судиите се доволно информирани за важноста од спроведување на правната рамка што ја игра во решавање на аерозагадувањето" вели Николовска која дополнува.

„Не сакам да кажам дека не сум оптимист кога станува збор за нашите судови, но да се надеваме дека ќе успее тужбата и дека ќе приднесе барем со некаква пресуда со која само ќе се констатира дека државата и нејзините институции не успеале да имплементираат легислатива која е клучна за справување со арозагадување. Дури и пресуда која вика дека ние не ја спроведуваме легислативата е позитивна за нас затоа што има пресуда која кажува дека државата не ги спроведува законите, понатаму со таа пресуда веројатно може да се оди на некои меѓународни инстанци каде може да побараме некоја повисока одговорност од властите“.

Во меѓувреме кратката анализа на мерките кои треба да ги спроведат институциите против аерозагадувањето покажала дека има само 30 процентна исполнетост, велaт дел од екологистите и дополнуваат дека еден од примерите за тоа е новиот закон за возила во кој наместо задолжително ставање на налепница на возилатата што загдуваат, тоа е оставено на волја на граѓаните.