Најмалку 29 мртви и над 650 повредени е најновиот биланс од вчерашниот земјотрес со интензитет од 6,4 степени по Рихтеровата скала во Албанија. Во земјата денеска е Ден на жалост.
Албанската министерска за здравство Огерта Манастирлиу соопшти дека над 650 луѓе се повредени, од кои деветмина се животно загрозени. Според неа, 65 луѓе се задржани за болничко лекување.
Локалните медиуми информираа дека околу 45 луѓе се спасени од под урнатините.
Албанскиот премиер Еди Рама вети дека спасувачите ќе продолжат „трпеливо и темелно да трагаат до крајот“.
Владата на Албанија денеска прогласи вонредна ситуација на подрачјето на Драч и Тирана, во областите кои се најмногу погодени од земјотресот.